Јончевски: Проблемите во Тбилиси ќе ги елиминираме во Скопје, шансите не се загубени

Подмладената Македонија запиша пораз на гостувањето во Тбилиси. Но веќе утре, со почеток од 20.часот, на домашен терен ќе имаме можност да направиме подобар резултат, односно да бараме победа во двомечот со селекцијата на Грузија.

На првиот тренинг по враќањето од Грузија, в.д. селекторот Александар Јончевски даде свој коментар за настаните од Тбилиси:

„При анализата на натпреварот штo го одигравме во Тбилиси, забележавме многу работи кои можеме да ги поправиме. Работевме на моментот да ги запреме нивните најдобри играчи Мекфејден и Шермадини, но не успеавме во тоа и ќе се обидеме тоа да го направиме во Скопје“.

Со оглед на не баш поволниот здравствен билтен, извесно е дека до пред почетокот на натпреварот нема да бидат познати 12. кошаркари кои утревечер (директен пренос на Спорт Клуб 3) ќе се обидат да дојдат до првата победа во квалификациите.

„Имавме најави дека на утрешниот натпревар ќе се вратат неколку важни репрезентативци како Димитријевиќ, Мекиќ, Ѓуроски… но освен Димитријевиќ кој е присутен на тренинзите, се уште не можеме да сметаме на останатите“ – појаснува Јончевски.

Овие неколку тренинг-сесии ќе бидат искористени за уште подобра подготовка, но и за анализа.

„Денешните тренинзи ќе ги искористиме за подетална анализа и спроведување на тактичките замисли за тоа што нè очекива во недела. Мислам дека шансите не се загубени, бидејќи со подобра игра од онаа во четвртокот, како и со триумф против Украина во јуни, можеме да се надеваме на пласман во следната фаза од квалификациите“- вели асистент-тренерот во нашиот национален тим.

Се вчитува...