Јовиќ: Против Татран Прешов шанса ќе добијат ракометарите кои имаа помала минутажа

Ракометниот вицешампион на Македонија, Еурофарм Пелистер утре ќе му гостува на Татран Прешов во реванш натпреварот од четвртфиналето во регионалната СЕХА лига. Битолчани со една нога се во полуфиналето откако првиот натпревар на домашен терен го добија со убедливи 37-29.

Тренерот на „зелено-белите“, Александар Јовиќ вели дека на овој натпревар ќе им даде шанса на помладите…

„Нè очекува тежок натпревар. Одлучивме да одмориме 3-4 наши ракометари, кои беа преоптеретени во овој дел на нашето првенство и во СЕХА лигата. На овој натпревар ќе им дадеме поголема шанса и на помладите играчи и на оние кои имаа помала минутажа досега“, изјави Јовиќ.

Слично размислува и бекот Марио Танкоски…

„Осум разлика носиме во Прешов, но тоа не е ништо. Сигурно Татран ќе биде комплетен во вториот натпревар, во Битола беа преполовени без Рабек и Урбан. Ќе се обидеме да ги одбраниме тие осум разлика за да се пласираме на Ф4, кој сите го посакуваме. По натпреварот во Прешов ни следи дерби во Автокоманда против Алкалоид. Многу ни е важен тој натпревар, но нема да биде лесно. Мора добро да се спремиме, ако сакаме на седми март против Вардар 1961 во Битола да се бориме за титула“, вели Танкоски. 

Реванш натпреварот меѓу Татран Прешов и Еурофарм Пелистер се игра утре со почеток во 16 часот.

Се вчитува...