Јунајтед крева раце – Погба вторпат си оди бесплатно од „Олд Трафорд“

Пол Погба ќе остане запишан како прв фудбалер во историјата на Манчестер Јунајтед кој двапати си заминал од таборот на „црвените ѓаволи“ без притоа англискиот гигант да заработи ниту една фунта од неговите трансфери.

Французинот го напушти Јунајтед во 2012 година и се пресели во Јувентус, каде ја лансираше својата блескава кариера. Четири години подоцна, „црвените ѓаволи“ платија 105 милиони евра за да го доведат назад на „Олд Трафорд“, но Французинот никогаш не ги оправда очекувањата. Погба влегуваше во конфликт со тренерите, долго време беше во немилост на Мурињо, а имаше и само привремени блесоци откако на кормилото застана Оле Гунар Солскјер.

Договорот на Погба со Јунајтед истекува на крајот од оваа сезона, а откако беа одбиени бројни понуди „црвените ѓаволи“ кренаа раце и веќе се подготвуваат за негово заминување од клубот. Иако би можеле да го продадат во јануари, челниците на Јунајтед планираат да го задржат до истекот на договорит бидејќи не веруваат дека би можеле да доведат адекватна замена во текот на сезоната.

Ако се знае дека не освои ниту еден позначаен трофеј во дресот на Јунајтед, очигледно е дека Погба е промашена инвестиција од 105 милиони евра на „црвените ѓаволи“. Останува дилемата каде Французинот ќе ја продолжи кариерата, а како три најсериозни опции се споменуваат Јувентус, ПСЖ и Реал Мадрид.

Се вчитува...