Англискиот премиерлигаш Манчестер Јунајтед тргнува во офанзива за засилување на навалната линија пред истекот на летниот преоден рок кој оваа сезона е продолжен поради пандемијата на коронавирусот. Клубовите имаат можност за ангажман на нови фудбалери до 5 октомври, а Јунајтед сака да создаде екстра напад ангажирајќи ги Единсон Кавани и Лука Јовиќ.
Уругваецот Кавани подолг период е слободен агент откако истече неговиот договор со ПСЖ и ја чека најдобрата понуда за да се приклучи на некој голем европски клуб. Ја одби Бенфика, отпадна од игра и Јувентус, а води преговори со Реал Мадрид, Атлетико Мадрид и со Интер. Но, во трката, и тоа сериозно, се вклучува Оле Гунар Солскјер кој сака да го доведе на „Олд Трафорд“.
Проблем за останатите клубови беше неговата голема плата, но Манчестер Јунајтед може да си дозволи да даде 10 милиони фунти за потпис на договорот и годишна плата од 12 милиони фунти за Кавани.
Покрај него, се отвори опција на „Олд Трафорд“ да пристигне и Лука Јовиќ како позајмен играч од Реал Мадрид. Зинедин Зидан да го испрати на позајмица една сезона, а Јунајтед е во игра заедно со Милан, Рома и со Ајнтрахт Франкфурт.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА