Јуве 77 минути се мачеше, па со пресврт го доби градското дерби

Јувентус и со потпросечно издание успеа да слави на градското дерби со Торино со 2-1, иако до 77. минута се наоѓаше во негатива. Гостите први поведоа преку Нкулу, веднаш потоа имаа и стопроцентна шанса за втор гол преку Заза, но Шчешни спречи уште поголем шок за „старата дама“.

Квадрадо постигна гол за израмнување, но истиот беше поништен поради пасивен офсајд на Бонучи. Сепак, Квадрадо беше најдобар поединец на овој натпревар, па Колумбиецот со две идентични асистенции го иницираше пресвртот.

Мекени стана првиот Американец што постигнал гол за Јуве откако со глава го израмни резултатот на ова градско дерби, а во 89. минута на вистинско место се најде и капитенот Бонучи, кој со прецизен удар од пет метри го матираше гостинскиот голман, за огромна радост на „црно-белите“.

Се вчитува...