Пауло Дибала летово ќе го напушти Јувентус како слободен играч, неговите стапки ќе ги следи и Бернардески, па на челниците на „старата дама“ им е јасно дека ќе мора дополнително да ја засилат навалната линија по зимскиот трансфер на Влаховиќ.
Според неколку италијански медиуми, веќе е избран и наследникот на Дибала – италијанскиот ас Николо Заниоло кој игра во одлична форма во дресот на Рома. Заниоло важи за голем талент на италијанскиот фудбал, но двете тешки повреди на колената го спречија во целост да го покаже својот потенцијал. Тој сезонава конечно заигра во континуитет и се наметна како значајна алка во составот на Жозе Мурињо, како идеален партнер за Теми Абрахам.
Во Јуве на него сега гледаат како на одличен соиграч во нападот за Влаховиќ, поради што веќе стапиле во контакт со агентот на Заниоло за да го доведат овој играч во текот на летниот преоден рок. Проблем претставува што тој има договор со „волчицата“ до 2023 година, а Мурињо не сака лесно да се откаже од талентираниот фудбалер. „Газета дело спорт“ јавува дека Рома ќе инсистира на отштета од најмалку 70 милиони евра, а останува да се види дали Јуве може да ја намали оваа сума испраќајќи некој свој фудбалер на „Олимпико“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА