Јуве ја користи паузата: Нови договори за тројца првотимци

Сезоната во фудбалска Италија е во прекин, никој не знае дека шампионатот ќе се продолжи, а во едни такви услови челниците на Јувентус ги насочија активностите кон задржување на дел од фудбалерите со нови договори со „старата дама“. Преговорите веќе вродија со плод, па постигната е начелна согласност со Џанлуиџи Буфон, Џорџо Кјелини и Блес Матуиди, кои до крајот на месецов би требало и официјално да стават потпис за да останат во Јувентус најмалку уште една сезона.

Буфон неодамна изјави дека не размислува за пензија, лесно се адаптираше на улогата на резерва на Шчешни, а „старата дама“ го награди својот долгогодишен член со нов едногодишен договор. Матуиди има понуди за враќање во татковината, но решил да ги одбие за да остане во Јувентус, додека Кјелини важи за „командант“ на екипата, на и надвор од теренот, па неговото останување беше еден од приоритетите иако со доаѓањето на Де Лихт конкуренцијата во одбранбената линија уште повеќе се зголеми.

Следен на листата е Пауло Дибала, со кого преговорите за нов договор влегуваат во завршна фаза. Аргентинецот лани беше на трансфер-листа, одби неколку понуди за да остане, а по одличните партии сезонава сега управата на Јувентус му подготвува значително зголемување на платата за да го задржи најмалку до 2024 година.

Се вчитува...