Јуве се пофали: Заштедивме 90 милиони евра, благодарност до играчите…

Сега веќе е и официјално, управата на Јувентус се договори со фудбалерите и со членовите на стручниот штаб за намалување на нивните плати во периодот додека трае паузата поради страшната епидемија што се шири низ Италија. Утрово беше обелоденето дека Кристијано Роналдо се согласил на намалување на платата во висина од 3,8 милиони евра, за вечерва челниците на Јуве да се пофалат дека клубот со постигнатиот договор заштедил 90 милиони евра.

„Како клуб можеме да потврдиме дека постигнавме договор со тренерот и со фудбалерите, тие во следниот период да земаат дел од платата што им е утврдена со договорите. Договорот што го постигнавме, тие ќе земаат еднаква плата во месеците март, април, мај и јуни. Севкупно гледано, овој договор ќе му помогне на нашиот буџет со околу 90 милиони евра. Му благодариме на тренерот, неговите помошници и на сите фудбалери за покажаната посветеност во ова тешко време“, се вели во соопштението на Јувентус.

Воедно, челниците на „старата дама“ додаваат дека доколку се случи сезоната да продолжи, управата и фудбалерите дополнително ќе разговараат за компензација што ќе им биде исплатена за тој дополнителен период во кој ќе следи активно играње на натпревари.

Се вчитува...