Јувентус станува „српски клуб“, Влаховиќ добива двајца сонародници

Јувентус е на добар пат да има дури тројца српски репрезентативци во своите редови наредната сезона, откако „старата дама“ реши да ги интензивира преговорите со посакуваните засилувања за летниот преоден рок. Душан Влаховиќ се покажа како одличен трансфер, па „црно-белите“ сега се во разговори да донесат уште двајца сонародници на голгетерот.

Првиот е Сергеј Милинковиќ – Савиќ, офанзивниот играч за врска на Лацио кој веќе неколку години наназад се поврзуваше со „старата дама“, но и со уште неколку европски гиганти. Истото е случај и во пресрет на летово, но во прилог на Јуве оди фактот дека Србинот сака да остане на Апенинскиот полуостров, па Јувентус води во оваа трка во однос на ПСЖ, Арсенал и Манчестер Јунајтед. Цената што Лацио ја бара изнесува 70 милиони евра, но челниците на Јуве се убедени дека ќе ја намалат со испраќање на двајца млади фудбалери во римскиот клуб.

Вториот српски репрезентативец што летово би требало да потпише за Јувентус е Никола Миленковиќ. Дефанзивецот на Фиорентина е втора опција за засилување на одбраната, но во прилог му оди што се одолговлекоа преговорите со Ридигер од Челси, кој бара премногу пари од најтрофејниот италијански клуб. Медиумите најавуваат дека Јуве наскоро и официјално ќе се откаже од Ридигер, по што ќе следи експресно потпишување на договорот со Миленковиќ, без никаква отштета и за плата од четири милиони евра по сезона.

Се вчитува...