Јувентус загуби два бода, му се повредија уште тројца фудбалери

Фудбалерите на Јувентус не успеаја да триумфираат на градското дерби со Торино, ремизирајќи 1-1 против незгодниот ривал. „Старата дама“ не успеа да го задржа водството што го имаше од самиот почеток, но уште поголем проблем за тренерот Алегри претставуваат трите нови повреди на „црно-белите“ во пресрет на мечот со Вилјареал во осминафиналето од ЛШ. Бонучи и Кјелини отсуствуваа поради повреди, на нивно место требаше да стартува Ругани, но тој се повреди за време на загревањето. На негово место шанса доби Пелегрини, но и овој играч заработи повреда и мораше да биде заменет. Згора на тоа, во второто полувреме на повреда се пожали и Пауло Дибала, на чие место во игра влезе Мекени.

Јувентус одлично го почна натпреварот, поведувајќи по 13 минути игра откако Де Лихт скокна највисоко по корнерот од левата страна што го изведе Квадрадо. Торино не се предаде, гостите се преселија пред противничкиот шеснаесетник и иницијативата ја крунисаа со погодок откако Белоти најдобро се снајде и го матираше Шчесни.

Алегри немаше многу избор на клупата, го замени Влаховиќ со Кеан, но тоа не вроди со плод, „црно-белите“ се мачеа да создадат шанса и на крајот освоија само еден наместо посакуваните три бода.

Се вчитува...