Кајчевски со одговор зошто е избран Стојоски за ЛОИ во Токио: Неукоста и непрофесионалноста на АК Делта е причина за стагнацијата на Дарио Ивановски!

Селекторот на атлетската репрезентација на Македонија, Кристијан Кајчевски со официјална реакција до редакцијата на ЕКИПА реагира на бројните прозивки изминатиов период околу изборот на Јован Стојоски за македонски претставник на ЛОИ во Токио оваа година, а не на Дарио Ивановски.

По обелоденувањето на одлуката на МОК, реакција имаше од клубот на Дарио Ивановски, АК Делта, кои сметаат дека е направена неправда. Но, Кајчевски објаснува зошто изборот е на Јован Стојоски.

„Многу дебати и обвинувања изминатиов период насочени кон Атлетската федерација и Македонскиот олимписки комитет, а и јас гледам дека сум повикан како селектор, поради изборот на Јован Стојоски, а не на Дарио Ивановски, за наш олимписки претставник во Токио. Во меѓувреме медиумите почнаа да ги делат на ‘доброто’ и ‘лошото’ момче, па затоа сакав да го запрам етикетирањето. Двајцата се прекрасни спортисти и индивидуи и тука завршуваме со тоа. Прашањето е зошто Дарио трча на 1500 метри најслабо во годината кога тој треба да биде најподготвен. И како што пишаа некои полуписмени ‘гугл-тренери’ па да ги корегирам, валидизација на резултатот во сала – ДА, но само со НОРМА. Прво да ја погледнеме прогресијата на резултатите која не е линеарна (што укажува на непланско работење). Формата секогаш е врзана за тоа во моментот за што е подготвен да трча (ако правел должини тогаш трча полумаратони или улични трки, ако работи на сегмент брзина тогаш се спушта на дистанца пониско), никогаш плански насочено кон постигнување на резултат или темпирање на форма, во насока на олимписко достигнување. И, ова е само за дадена година. Ако ги извадиме резултатите на кои Дарио учествувал на годишно ниво тогаш ќе видиме уште поголем хаос. Дарио беше убеден да трча се (од 800, 1500 , 3000, 5000, 10000, 10000- улична трка, полумаратон и маратон), иако беше прегледан кај др. Ханџиски со потврдени мешани мускулни влакна (лактатно толерантни). Лаички кажано предодреден за 1500 и 3000 метри. Изминатава зима, во сала, Дарио постигна неверојатен резултат суб 3.45 на 1500 метри. Согласно тоа, по секоја логика се очекува на отворено да постигне и подобар резултат. Бидејќи трките во сала се поинтензивни очекувано беше од тој резултат трчан на 7 и плус круга ,дека на отворено на три круга и 300 метри ќе истрча многу, многу подобро. Дарио и покрај формата што ја покажа зимата во насока на олимписко достигнување, истрча нов рекорд на 10000 метри на патека, на 10000 метри – суб 30 минути, нов рекорд на улична трка. И сите сме горди на овие рекорди. Но, три години стипендист за рекорди и улични трки!? И капак на се, го направија да се чувствува виновен и да не отпатува на Европското првенство во сала поради туѓи интереси“ – вели во својата реакција до нашата редакција Кајчевски, притоа дополнувајќи:

„За жал, од неукоста и непрофесионалноста на АК Делта од стручен аспект, дечкото остана без соодветна научна насока, без пратење на лактатна крива без подобрување на сегменти во кои е послаб. За средства дека сте немале немате право да се жалите затоа што со ваучер-системот и поддршката од АФМ сте покриени ДЕБЕЛО. Но вие кукате по социјални мрежи дека не сме дале критериуми и не немало шест месеци , а пропуштате најмалку пет трки на 1500 метри, на кои и тоа како може да се темпира формата. Е па господо од АК Делта и менаџеру на Дарио: Со “ИДЕМЕ СЕГА ЈАКО” и кукање и барање туѓа вина по фејсбук не се постигнува врвен резултат, и затоа ги повикувам медиумите поинтензивно да побараат објаснување од АК Делта и менаџерот на Дарио како успеаја и зошто од ОЛИМПИСКИ КАНДИДАТ ДА НАПРАВАТ УЛИЧЕН ТРКАЧ? А јас на Дарио искрено му посакувам успех во натамошното школување и тренирање во САД, со искрена желба да ги достигне капацитетите кои му беа под кочница и оневозможени долго време“.

Се вчитува...