Како Бартомеу ја уништи Барса: За 50 проценти од одиграните натпревари, двајца фудбалери добиле 11.000.000 евра бонус

Коронавирусот го потресе клубот на Барселона, но и многу други клубови во Европа. Сепак, Каталонците влегоа во сериозна финансиска сомнителност поради ужасните економски потези што ги направи поранешниот претседател на клубот, Жозеп Бартомеу.

За она што го има направено, сигурно ќе има повеќе информации во наредниот период, па можеби и ќе се учи на универзитетите под името „како да се закопа џин“. „Радио Каталонија“ (РАЦ) објави зачудувачки податоци за бонусите што Бартомеу ги потпишал во договорите со двајца играчи чии имиња не се објавени. Се знае само дека станува збор за стандардни првотимци, меѓу најдобро платените во клубот, кои се согласија да ги намалат договорите во минатата година и кои потпишаа нови договори со претходното раководство. Затоа, би се рекло, тие се’ уште се на „Ноу Камп“, така што лесно може да се погоди за кого станува збор.

Бартомеу во неговиот мандат ги „фрлал“ парите на Барса како да се туѓи, како да се државни пари, како никој никогаш да не треба да плаќа, враќа и да подмирува долгови.

Овие двајца фудбалери имале ставки во договорот за да добијат бонус од 11.500.000 евра доколку одиграат повеќе од половина натпревари во сезоната! Покрај ова, тие во договорот имале гаранција дека ќе инкасираат 1.200.000 евра за пласман во групната фаза од Лигата на шампионите. Тоа не е се’, овие играчи добиле и 3.500.000 евра како бонус за освојување на тројната круна, иако тоа не се случило од 2015 година.

Договорот им донел плус 15.000.000 евра за три сезони во име на бонус за лојалност! Значи, доволно им е само да останат во Барса. Во првата сезона, минатата година, тие добиле 6.700.000 евра по тој основ. Се на се, доколку се исполнат сите бонуси, тоа е речиси 50.000.000 евра преку бонуси за само двајца „заслужни фудбалери“ во тимот на Барселона. Имајќи ги во предвид ваквите финансиски трошоци, не е ниту чудно што Лионел Меси со своите астрономски приходи не можеше да се вклопи во буџетот на тимот од Каталонија.

Се вчитува...