Какво фијаско – Веспрем и Манасков останаа и без титулата во Унгарија

Веспрем игра променливо цела сезона, а очајниот унгарски гигант конечно го допре дното со денешниот дуел против Пик Сегед, на кој тимот во кој настапува и нашиот Дејан Манасков остана дури и без титулата во домашното првенство. По поразот од 32-28 на првиот меч, Веспрем бркаше победа од најмалку четири гола денеска на домашен терен за да ја одбрани титулата, екипата на Манасков триумфираше со 29-26 што сепак беше недоволно за одбрана на трофејот.

Сепак, тренерот Врањеш и неговите избраници целосно потфрлија, не одговарајќи на предизвикот и останувајќи без планираниот трофеј, откако претходно разочараа и во Лигата на шампионите, каде беа елиминирани уште во осминафиналето од екипата на Скјерн.

Врањеш е главниот виновник откако целосно ја утна тактичката борба со Пастор на спротивната страна. Тој реши да му даде шанса на Алиловиќ, а потоа тврдоглаво го чуваше Хрватот на голот се до 16. минута и водство на гостите од 5-11. Со влегувањето на Миклер домашниот тим заигра нешто подобро, Манасков постигна неколку убави погодоци, но на одмор се замина со водство на Пик Сегед од 14-17, со гол што гостите го постигнаа во последните секунди во празна мрежа по една грешка на Момир Илиќ.

Второто полувреме донесе огромни возбудувања, откако Веспрем во 39. минута израмни на 19-19, за потоа домаќините на десет минути до крајот да поведат со 23-21. Манасков блесна во вистински момент, погодувајќи за водство од 26-23 за свој прв гол во второто полувреме, воедно и изнудувајќи исклучување од еден гостински ракометар. Бодо постигна многу значаен гол за Сегед, а веднаш потоа Гајиќ исфорсира шут што му беше одбранет од страна на Шего. На нешто повеќе од три минути до крајот Житников постигна фантастичен гол за 26-25, но Веспрем не се предаде, па на две минути до крајот резултатот гласеше 28-25.

И повторно Бодо беше човекот кој ја презеде одговорноста кај ПИК Сегед, постигнувајќи гол крај Алиловиќ (кој во меѓувреме се врати на голот), за титула на својата екипа, и конечен резултат 29-26. Во драматичната завршница Веспрем дури имаше и шут за титула, но Благотиншек не реализираше.

Дејан Манасков беше на висина на задачата постигнувајќи четири гола од шест обиди, недоволни за Македонецот да стигне до шампионскиот трофеј со својот тим.

Се вчитува...