Јорданчо Давитков повторно ќе биде активен на македонската клупска кошаркарска сцена, откако поранешниот селектор постигна договор за соработка со челниците на КК Струмица.
Новиот прволигаш игра под очекувањата во досегашниот дел од сезоната, моментно се наоѓа на последното место на табелата со две победи и десет порази, а од Давитков се очекува да успее да го извлече тимот од дното и да обезбеди опстанок.
„Разговарав со луѓето од клубот, имам бројни блиски пријатели од Струмица, а пријател сум и со Зоран Николов, кој е на чело на овој проект. Тука сум за да им помогнам, во моментов им треба помош за да се стабилизира клубот, да застане на здрави нозе и прифатив да дојдам и да помогнам тоа да се случи. Договорот е со важност до крајот на сезонава, а потоа ќе видиме дали ќе се продолжи соработката“, изјави Давитков за ЕКИПА.
Јорданчо Давитков имаше серија одлични резултати работејќи во клубови во Кувајт, ОАЕ и Бахраим, а потписот со Струмица е негов камбек во клупската кошарка во Македонија по цели 15 години.
„Последен клуб тогаш ми беше Струмица, по што се решив да заминам во странство. Еве, сега се поклопија работите за и враќањето да биде повторно во истиот клуб“, вели Јорданчо Давитков.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА