Канатларовски: Верувам во моите момци, Франција е апсолутен фаворит но нема предвреме предавање

Младата репрезентација на Македонија до 21 година денеска во 18:30 часот на „ММ Арена“ во Ле Ман против Франција го игра првиот натпревар во квалификациите за пласман на Европското првенство во Романија и Грузија 2023 година.

Селекторот Драган Канатларовски се соочува со проблеми поради отсуството на Марио Младеновски (Ботев Пловдив), Адриан Хајдари (Рапид Виена) и Димитар Тодоровски (Работнички), кои поради позитивен Ковид-19 тест ќе ги пропуштат двата воведни натпревари од квалификациите за ЕП 2023. Ќе отсуствува и Амел Рустемоски од швајцарски Вил поради повреда заработена на клупскиот тренинг не е во можност да се стави на располагање за првиот меч против Франција.

Сосема е јасно дека Франција ја носи фаворитската улога, но и покрај тоа не изостанува оптимизмот во македонските редови во желбата за позитивен впечаток на стартот од новите квалификации.

„Очекуваме тежок натпревар, Франција е апсолутен фаворит во нашата група. Нема да се предадеме, ќе го дадеме максимумот, очекувам да одиграме на високо ниво, верувам во моите фудбалери. Се соочивме со проблем на стартот на подготовките, четворица наши стандардни фудбалери не се на располагање, но што е тука е. Останатите фудбалери тренираа одлично, ги разбираат моите идеи. Желбата за докажување е огромна, па со нетрпение го очекуваме натпреварот“ – вели селекторот Канатларовски пред денешниот дуел со Французите.

Се вчитува...