Канељас го носи Пик Сегед кон четврт-финале со Вардар

Пик Сегед се наоѓа на чекор до четвртфинале во Лигата на шампионите и двомеч со Вардар откако актуелниот првак на Унгарија славеше на првиот натпревар со Висла Плоцк, на гостински терен во Полска со резултат 20-22. Во главна улога беше поранешниот играч на Вардар, Жоан Канељас, кој постигна значајни голови во клучните моменти од мечот, донесе пресврт и се погрижи Сегед со предност да влезе во реваншот на домашен терен.

Висла има за што да жали со оглед на фактот дека полскиот тим во неколку наврати имаше солидна предност, од 5-2 и 7-3 во првото полувреме, потоа и од 18-15 во вториот дел, но пресуден беше фуриозниот финиш на гостите од Унгарија. Канељас беше во главна улога, постигнувајќи неколу гола во серијата од 0-5 на Пик Сегед со која гостите направија пресврт, поведоа со 18-20 и на крајот славеа со конечни 20-22.

Шпанскиот бек беше најефикасен во редовите на Пик Сегед со шест гола, четири постигна Бодо, додека најдобри стрелци кај Висла при денешниот пораз беа Дашек и Толедо со по пет погодоци.

Подобриот од двомечот меѓу Вардар и Загреб во четвртфиналето ќе се сретне со победникот од пресметките меѓу Висла и Пик Сегед, во две битки кои ќе го одредат патникот на Ф4 турнирот во Келн.

Се вчитува...