Капарош: Ќе биде специфичен меч, силата на Македонија е во тимот без разлика кој ќе игра

Македонија и Ерменија во директна меѓусебна пресметка на 18. ноември во Никозија, Кипар, ќе одлучуваат која од двете репрезентации ќе заврши на првото место во групата од Ц-лигата и за следната сезона ќе обезбеди место во Б-лигата од Лигата на нации.

Ерменците синоќа славеа против Грузија во Батуми со 1-2, исфрлувајќи ги од играта за првата позиција. По мечот селекторот на Ерменија, Жоакин Капарош истакна дека ќе направат се што е во нивна моќ да дојдат до победа против Македонија и да обезбедат Лига Б во иднина.

„Јасно е дека не чека многу тежок натпревар. Ова ќе биде еден специфичен дуел затоа што на Македонија ќе и недостасуваат многу фудбалери, а и ние сме со комбиниран состав. Но, Македонците секако ќе бидат опасни затоа што играат тимски, нивната сила е во тимот а не во поединецот. Ќе биде израмнет натпревар, ќе се обидеме да дојдеме до победата настапувајќи и на натпреварот во Кипар со истата желба и жар како и против Грузија“ – истакна Капарош по синоќешната победа против Грузијците.

На Македонија од пресметката со Ерменија ќе и биде доволен и само еден бод, бидејќи во моментов сме со 9 бода на чело на табелата, додека Ерменците се втори со 8 бода.

Се вчитува...