Капинковски: Кога дојдов Пелистер беше претпоследен со огромен минус, сега сме на одличен пат и за опстанок без бараж

Пелистер дојде до повеќе од значајна победа против Ренова во 29. коло од Првата македонска фудбалска лига, со која битолчани во голема мера веќе го трасираа патот кон опстанокот во елитата.

Стратегот на Пелистер, Димитар Капинковски не го крие задоволството од триумфот против „гипсарите“, за кој вели дека е извојуван под силен притисок да се успее.

„Иако може да се каже дека секој натпревар си има своја тежина, мислам дека овој со Ренова беше навистина тежок од психолошки аспект, покрај секако максималниот физички ангажман на терен. Бодовите беа неопходни за двата тим и се чувствуваше тој притисок, но мислам дека ние заслужено победивме и покрај тоа што Ренова беше одличен противник кој не искористи и пенал“ – вели Капинковски, кој е среќен што успеа да ги воскресне „зелените“ во пролетниот дел од сезоната.

„Кога дојдов на клупата тимот беше претпоследен со голем минус во однос на другите екипи кои се борат за опстанок. Имаше големи играчки промени, но креиравме колектив кој може со секого да се надигрува во лигата па сега сме во зона во која би избегнале и бараж за опстанок. Но, нема опуштање. До крајот мора да се продолжи максимално за да се стигне до крајната цел“ – вели Капинковски.

Се вчитува...