Каратистите на прием во Агенцијата за млади и спорт

Македонските каратисти денеска беа на прием во Агенцијата за млади и спорт, по одличните резултати и освоените медали на ЕП во Кочаели, Турција. Директорот на АМС, Марјан Спасески, истакна дека најдобрите добиваат четиригодишни стипендии.

Јакупи освои сребро во категорија (- 84 кг), Јована Георгиева бронза во (- 55 кг) на 52. Европско првенство во Кочаели. Тоа се први сениорски европски медали по прогласувањето на каратето за олимписки спорт. И двајцата во следните 4 години добија стипендии од Светска категорија. Сара Радичевска оствари 5. место, со што доби стипендија од меѓународна категорија. Пласман на 7. место остварија Жарко Арсовски во (+ 84 кг) и Димитар Илиевски во (- 67 кг), како и Поликсенија Јованоска во ката.

„Сакам да упатам честитка до сите репрезентативци, до тренерите и целокупниот стручен штаб на карате репрезенатацијата за големиот успех и да порачам дека Агенцијата за млади и спорт и понатаму финансиски и логистички ќе го поддржува карате спортот во државата. Со овој огромен успех, македонското карате продолжува да ги испишува светлите страници во својата спортска историја. Истовремено, сакам да им честитам на нашите репрезентативци, кои освоија медали и имаа добри настапи, со што се стекнаа со право на стипендија од АМС.

Имено, сребрениот медал на Берат Јакупи и бронзениот медал на Јована Георгиева им донесоа стипендии од Светска категорија, односно во следните 4 години ќе добиваат месечен паричен надоместок во висина од 2 просечни плати. Додека пак, Сара Радичевска со освоеното петто место се стекнува со право на стипендија од Меѓународна категорија и во следните 2 години ќе добива месечен паричен надоместок во висина од 1 просечна плата. На овој начин им оддаваме почит и јавно признание и докажуваме дека државата се грижи и понатаму ќе продолжи да се грижи за врвните спортисти, кои ја промовираат Република Македонија на меѓународната спортска сцена“, изјави директорот Марјан Спасески.

karate vo ams

„Сребрениот“ Берат Јакупи е задоволен од оствареното, иако беше многу блиску и до златото.

„Сребрениот медал е плод на напорна работа, истрајност и желба да се вратам на вистинскиот пат после многубројните повреди. Да се вратиш во форма е уште потешко отколку да ја достигнеш истата“, истакна Берат Јакупи, нашиот најдобро пласиран каратист.

Тој се заблагодари на сите луѓе кои веруваа во неговото враќање на победникиот трон, истакнувајќи ја важноста на припремниот период кога заедно со нашите најдобри каратисти од редот на Емил Павлов, Жарко Ристовски со кои имал можност да сподели искуства и да ги подобри своите квалитети. Посебна благодарност упати до директорот на АМС Спасеки за сите негови заложби да го издигне каратето на едно повисоко ниво. Јакупи ја потенцираше неговата идна цел, а тоа е учество на ОИ Токио 2020.

На пресот свои видувања од ЕП имаа и селекторите Белистојаноски и Андриевски, како и најпријатното изненадување од Истанбул, бронзената Јована Георгиева, која настапи како дебитант, но дисциплираноста и фокусот во борбите и донесе медал.

Се вчитува...