Италијанскиот тренер Карло Анчелоти ќе остане селектор на бразилската репрезентација до крајот на Светското првенство во 2030 година, изјави Родриго Каетано, генерален координатор на Бразилската фудбалска федерација.
Во мај, Анчелоти го продолжи договорот со Бразил до крајот на СП 2030. Сепак, италијанскиот тренер се најде на мета на критики по елиминацијата на Бразил во осминафиналето на Светското првенство против Норвешка (1-2).
„Денес болката е голема, но довербата во она што го градиме не се менува. Ќе продолжиме да работиме за нашата репрезентација. Секогаш заедно. Секогаш Бразил“, напиша Анчелоти на социјалните мрежи.
Каетано повика на смиреност за да се зачува стабилноста на тимот.
„Тој е наш тренер и ќе остане до крајот на овој циклус. Една од главните причини за нашиот неуспех на ова Светско првенство беше отсуството на соодветно и стабилно долгорочно водство, кое ќе ја подготвише нашата репрезентација како што треба. Не смееме повторно да ја направиме истата грешка“, изјави Каетано за Ројтерс.
Тој истакна дека сите во Бразил се тажни поради елиминацијата на фудбалерите од Светското првенство.
„Сега мора да обезбедиме циклусот да продолжи нормално, со малку повеќе мир, продолжувајќи да работиме со тренерот до СП 2030, со потребните прилагодувања. Дајте ни барем минимум мир за да продолжиме и да се подготвиме за следното Светско првенство. Очигледно е дека сè уште се опоравуваме. Сите се многу тажни, фрустрирани и разочарани – играчите, тренерскиот персонал и сите околу националниот тим. Но, не можеме да го игнорираме времето што го поминавме заедно. Во текот на 38 дена сите бевме сведоци на нивната посветеност и професионализам, од првиот до последниот ден“, додаде Каетано.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
