Карлос Тевез објави крај на својата кариера: Можеби ќе се вратам, но никогаш повеќе во дресот на Бока

Легендарниот аргентински фудбалер Карлос Тевез (37) објави дека ја завршува својата фудбалска кариера. Искусниот 37-годишен напаѓач објави дека ја завршува својата кариера, но ја остави можноста за повторно враќање доколку одлучи дека сака да има било каков ангажман поврзан со фудбалот.

Тевез ја извести спортската јавност дека донел одлука да се повлече од зелениот терен, но не стави целосен крај на неговата кариера, па напомена дека можеби за неколку месеци пак ќе му се врати на фудбалот.

“Денес можам да кажам дека се повлекувам, но можеби за три месеци ќе се разбудам и ќе сакам да играм повторно фудбал. Сепак, никогаш повеќе во Бока јуниорс”, изјави Карлос Тевез.

Карлитос објасни зошто никогаш повеќе нема да го носи дресот на својата сакана екипа.

“Ова е еден од најтажните денови во мојот живот, но се чувствувам како да донесов вистинска одлука. Бока е мојот живот и не можам да играм како просечен фудбалер овде. Ако не можам да дадам 100 проценти од себе, подобро да се повлечам“, рече Тевез.

Аргентинскиот фудбалер не сакаше да ја исклучи можноста да се врати на друго место и во друг клуб, но засега неговата кариера е завршена.

Карлос Тевез ја започна својата кариера во Бока, каде ги одработи првите минути како професионалец во 2001 година. Потоа во богатата меѓународна кариера смени многу клубови. Тој играше за Коринтијанс, Вест Хем, Јунајтед, Сити и Јувентус, а неговото прво враќање во Бока се случи во 2015 година. Сепак, тој остана таму само една година и отиде во Шангај, Кина, каде ги помина следните две сезони. Тој се врати во својот сакан клуб во 2018 година и играше во последните три сезони од својата кариера во овој клуб. Одигра вкупно 251 натпревар во дресот на Бока и постигна 88 погодоци.

 

 

 

 

Се вчитува...