Касано: За кризата во Интер единствен виновник е Конте

Од ден на ден се побројни се критичарите на Антонио Конте, кои бараат овој стратег да добие отказ од Интер по новата очајна сезона на „нероаѕурите“ во Лигата на Шампионите. Поранешниот италијански  репрезентативец Антонио Касано жестоко го нападна Конте поради погрешните тактички одлуки не само на последниот меч со Шахтјор, туку и на претходните средби од ЛШ.

Касано гостуваше во шоуто на Кристијан Виери, една од темите на разговор беше токму кризата во која се наоѓа Интер.

„Интер одигра шест средби во ЛШ и на сите шест играта беше лоша. Немаше идеја, немаше течност во акциите. Можеби во Италија можеш да играш и да победуваш благодарение на физичката сила на Ромелу Лукаку, но за ЛШ потребен е и квалитет. Конте имаше квалитет во Кристијан Ериксен, но реши да го остави на клупата. Тој за пет минути може да направи повеќе од Барела и Галјардини заедно, но не е дел од плановите. Тука е и Ашраф Хакими, извонреден офанзивен бек, кој сезонава е крајно лимитиран. На таквите играчи треба да им се даде слобода, а Конте никогаш не би го сторил тоа, тој наметнува челична дисциплина“, вели Касано.

Поранешниот голгетер потоа даде уште неколку примери на играчи кои Конте не знае како да ги искористи.

„Тој е тренер што ја намалува вредноста на своите фудбалери. Да не заборавиме дека сите елитни клубови во Европа го бараа Шкринијар, но откако дојде Конте сега овој играч не е ниту првотимец. Тука е и Диего Годин, извонреден фудбалер и голем професионалец, кој си замина по една година токму поради односот со тренерот. Интер се соочува со фијаско, единствениот излез е да биде освоено скудетото. Ако тоа не се случи повторно ќе следат промени од корен, почнувајаќи од тренерот“, најавува Антонио Касано.

 

Се вчитува...