Кастратовиќ: Не е реално… не бевме надиграни, а загубивме со пет гола

ЕКИПА во Велење,

Стеван Цаневски

Шефот на стручниот штаб на Металург, Зоран Кастратовиќ, не го криеше разочарувањето по поразот на својот тим од Горење од 24-19, во првиот дуел од ЕХФ-Купот. Македонскиот тим одигра одлично прво полувреме, но катастрофалниот старт на вториот дел беше скапо платен, па на крајот резултираше со убедлив пораз.

„Да бидам искрен, резултатот не е реален бидејќи не бевме надиграни за да се најдеме во ваква негатива. Одигравме одлично прво полувреме, во кое целосно ги неутрализиравме нивните главни оружја. За жал, се голем дел од играчите се истрошија, не можеа да го издржат темпото во вториот дел, кога имавме и избрзани шутеви и промашени пенали, а исто така и недоволно брзо се враќавме во одбраната за да ги запреме нивните контранапади“ – истакна Кастратовиќ.

Еден од проблемите со кои се соочува Металург сезонава е недостигот на квалитетни натпревари. По долги години овој тим не е дел од СЕХА, настапува само во Супер-лигата, а дуелот со Велење му беше прв посериозен испит со противник на едно повисоко ниво.

„Факт е дека работиме вредно на тренинзите, први сме во Супер-лигата, но кога ќе дојде еден ваков меч станува јасно дека нивото на домашната сцена е далеку под она во европските натпреварувања. Екипата како да не беше навикната, ни недостигаше цврстина во дуелите, факт е дека моите играчи мораат да разберат дека мора да се натпреваруваат, да играат за да победат, а не само да настапуваат“ – порачува Зоран Кастратовиќ.

Тој и покрај значителната негатива е оптимист дека Металург може да се пласира во групната фаза од ЕХФ-Купот.

„Како што реков, денешниот меч покажа дека тие не беа подобри од нас како што можеби и самите очекуваа. Имавме промашени зицери, три нереализирани пенали… не гледам зошто работата не би се свртела во наша полза на реваншот. Можам да кажам дека ќе работиме напорно во следниот период и ќе сториме се за да бидеме уште подобри на реваншот, гледам простор за напредок, но и верувам дека со максимално залагање можеме да стигнеме до она што го посакуваме, место во групите од Купот на ЕХФ“ – оптимистички е расположен стратегот на „металурзите“.

Се вчитува...