КАТАПУЛТ: Како се носи дресот на Вардар?

Екипа

Среќа, па кошаркарите на МЗТ што биле заморени, да не беа како ли ќе изгледаше натпреварот против Гостивар. Вицепрвакот однапред се одбрани дека многу било напорно за кошаркарите тоа што играле АБА 2 и домашно првенство, ама ете ќе направеле се за да победат во Гостивар.

Како ли ќе се чувствуваа играчите да беа во АБА и да имаа вистински квалитетни натпревари на домашен терен, а не само едно дерби на три месеци.

МЗТ па уште ни е најдобар од вицешампионите, оти во ракометниот уште се будат играчите од зимскиот сон. Добро што следниот натпревар во СЕХА има е дури на 22. февруари до тогаш Брестовац веројатно ќе им каже на ракометарите дека не се на распуст. Бидејќи нему тоа и му е работа, ама да ги потсети пред натпреварот, не по него на прес – конференција.

Во фудбалскиот пак ќе почнат изгледа наопаку да ги облекуваат дресовите. Ќе разбиваат малер, оти вака како што ги носат не им се функционални. Ни кажа и Васоски дека дресот вака не се носи. Ќе најдат чаре белки до недела. Оти во Шкендија немаат дилеми како се носат дресовите.

Заедничко и добро веројатно кај сите три клуба е што фаќаат чекор со 21 век, па ги користат официјалните страници и социјалните мрежи за комуникација со навивачите, јавноста, па и со медиумите. Ваквиот начин на работа кај нас и натаму е „нуклеарна физика“ за најголемиот дел од клубовите, но и за најмоќните федерации.

Немате комуникациски систем, немате начин за добивање информации и потоа на сите им пречи што работата се сведува на јавувања по директори, генерални секретари, капитени…

И нам ни пречи.

Дополнително што културата на прецепција на медиумите и натаму се сведува на „соработници кои не треба да ја нарушуваат атмосферата“.

Да ги расчистиме основните правила. Новинарите не ви се пријатели, уште помалку навивачи. Тоа што вие го очекувате како производ во медиумите е ПР. Нас тоа не ни е работа. За тоа ќе ги си ангажирате агенции.

А од медиумите секогаш треба да оечкувате да ви кажат дека сте лоши кога имате серија порази. Дека сте во финансиска криза кога тренерите или играчите ви се пред штрајк. Дека федерацијата е виновна за лошите резултати на репрезентацијата затоа што го избрала селекторот кој не го постигнал очекуваното и секако дека работата ви е „тенка“ ако меѓународна институција ви се заканува со суспензија.

И не си правете филмови дека некој ве мрази и не се пресметувајте со душмани, затоа што основната функција на медиумите е да ги констатираат фактичките состојби, да посочат грешки, па дури и виновници. Влади паѓаат поради новинарски текстови.

Вие во Македонија уште и добро си проаѓате.

П.С.: Социјалните мрежи се добра алатка за комуникација со фановите, но некогаш можете да налетате и на лут и креативен навивач. РК Вардар тоа добро го почувствува во пресрет на Денот на вљубените…

Се вчитува...