Ќатип Османи: Хендикеп е што не играме во Тетово, но чекаме полна поддршка и во Струмица

Стратегот на Шкендија, Ќатип Османи е оптимистички расположен во очекување на првиот натпревар од 1. квалификациско коло за Лигата на Европа против молдавска Дачија.

Како што рече на денешната прес-конференција во Струмица, Османи верува дека неговиот состав ќе одигра квалитетно на утрешниот натпревар во желбата да се дојде до позитивен резултат, без разлика што мал хендикеп за тимот е што нема да игра во Тетово.

„Максимално сме подготвени за надигрување со молдавскиот тим. Играчите се и психолошки подготвени за тоа што ги очекува во Европа ова лето. Верувам дека имаме сили за комплетно надигрување и за позитивен резултат на првата средба и потоа помирен финиш во Молдавија. Добро го анализиравме противникот кој воопшто не е за потценување, но ние веруваме во нашите квалитети. Секако дека за нас е хендикеп што не играме на домашен терен во Тетово. Но, искрено верувам дека и во Струмица ќе бидат полни трибини и ќе добиеме максимална поддршка и од нашите навивачи и од сите искрени љубители на фудбалот“ – истакна Османи.

Натпреварот меѓу Шкендија и Дачија се игра утре од 18 часот на стадионот „Младост“ во Струмица. Реваншот е за седум дена во Молдавија.

Се вчитува...