Ќатип Османи со Шкупи ја предизвикува „својата“ Шкендија

Шампионскиот тренер на Шкендија, Ќатип Османи, сега е адут на Шкупи и ќе го пречека поранешниот свој тим на Чаир во дебито на клупата на новиот состав. Ова дефинитивно е најава за интересен дуел. Османи замина по лошиот старт на сезоната и слабите резултати на Шкендија во Европа, а потоа ја прифати понудата на Шкупи да седне на клупата на чаирскиот прволигаш. Ако некој ги знае добрите и лошите страни на Шкендија, тоа е сигурно токму Ќатип Османи.

Домашниот тим очекува голема поддршка од трибините и верува дека може да стигне до успех.

„Имавме напорна седмица, меч во Купот, а сега не очекува дуел со Шкендија. Но, подготвени сме, имаме нов шеф на стручниот штаб и ќе се трудиме да ги исполниме неговите задачи. Респект за Шкендија, но Шкупи нема лесно да се предаде“, изјави фудбалерот на Шкупи, Бесарт Кривањева.

Шкендија нанижа три победи по доаѓањето на Ерхан Селими во првенството и ремизираше 2-2 против Вардар на гости во Купот. Во добар ритам доаѓа на Чаир. Составот од Тетово нема да биде комплетен. Ќе недостигаат репрезентативецот Егзон Бејтулаи и голманот Костадин Захов поради повреди и левиот бек Гледи Мици кој заработи црвен картон.

Мечот меѓу Шкупи и Шкендија е премиерен во осмото коло од Првата фудбалска лига и ќе се одигра на стадионот Чаир со почеток во 15 часот. Останатите мечеви се закажани за утре.

Се вчитува...