Кавани се премисли – останува уште една година во Јунајтед

Единсон Кавани со извонредна партија го предводеше Манчестер Јунајтед во синоќешниот убедлив триумф над Рома (6-2) во Лигата на Европа, а уругвајскиот ас денеска повторно ги израдува фановите на „црвените ѓаволи“, прифаќајќи ја понудата да остане уште една година во дресот на англискиот гигант.

Кавани пристигна како слободен играч минатото лето, потпишувајќи едногодишен договор со можност за продолжување на соработката на уште една дополнителна сезона. Оле Гунар Солскјер не криеше дека е презадоволен од формата и од квалитетите на уругвајскиот ветеран, но проблем претставуваше желбата на Кавани да се врати во Јужна Америка и да го облече дресот на Бока Јуниорс.

Солскјер на прес-конференцијата по синоќешниот меч изјави дека прави се што е во негова моќ за да го премисли голгетерот, а според последните информации од „островот“, норвешкиот стратег успеал во тоа. Кавани начелно ги прифатил условите за останување уште една година на „Олд Трафорд“, а се очекува во текот на следната седмица и официјално да го потпише новиот договор со „црвените ѓаволи“.

Се вчитува...