Ќе има ли Вардар навивачи на трибините, ќе решаваат клубот и Владата

Вардар и останатите македонски клубови кои настапуваат во европските купови во координација со Владата и здравствените власти треба да донесат одлука дали ќе има публика на меѓународните натпревари. ЕХФ ги објави насоките за тоа како треба да бидат организирани натпреварите и пред се тоа во најголем дел го засега Вардар кој веќе во средината на септември треба да ги почне натпреварите од групната фаза во ЛШ и има најмногу средби за одигрување.

Според прирачникот на ЕХФ во салата во таканаречената „црвена зона“ ќе бидат присутни само играчи и официјалните лица од клубовите и од ЕХФ, сите треба да имаат негативни тестови за COVID-19, не постари од 72 часа. Потоа следува распределба на просторот во салата поделена не неколку зони.

Претставниците на медиумите ќе бидат сместени во „зелената зона“. И за нив важат строгите правила за заштита од коронавирусот. На крајот доаѓа „сината зона“ во која би биле навивачите ако биде донесена одлука да биде дозволено присуство на публика.

Први македонски клубови кои ќе треба да ги испочитуваат правилата од протоколот на ЕХФ се Бутел кој на 28. август се среќава со Ѓенѓеш, а веќе наредниот ден, Металург игра против Спачва во „Автокоманда“.

 

 

Се вчитува...