Ќе нема „самба“ во Автокоманда: Тешеира го избра ЧСМ пред Металург

Веќе нема никакви дилеми, Енрике Тешеира нема да го облече дресот на Металург откако бразилскиот ракометар денеска потпиша нов договор со ЧСМ Букурешт. Тешеира беше еден од првите ракометари што „металурзите“ ги договорија за наредната сезона, имаше и потпишан договор меѓу двете страни, но ситуацијата во меѓувреме се искомпликува, па Бразилецот поради лични причини побара да добие раскин на договорот за да може да остане во Романија.

Раководството на Металург излезе во пресрет на ова барање, по што 31-годишниот среден бек денеска потпиша нов договор со ЧСМ Букурешт.

„Среќен сум што останувам во ЧСМ, ова е одлична група на луѓет, вистинско семејство. Лани заедно го освоивме Челинџ-купот на ЕХФ, верувам дека заедно ќе му донесеме многу успеси на нашиот клуб“, изјави Тешеира по потписот на новиот договор со романскиот клуб.

„Металурзите“ најавуваат ангажман на уште поквалитетен ракометар на позицијата среден бек, со што би бил заокружен ростерот за наредната сезона. Во меѓувреме скопскиот клуб ја прекина соработката со Грузиецот Иракли Кбилашвили, кој си замина од Металург по спогодбениот раскин на договорот.

Се вчитува...