Вардар оствари историски успех со освојувањето на европската круна, а со игрите што ги прикажуваат сезонава „црвено-црните“ се наметнуваат и како сериозни кандидати за да станат првиот клуб по подолго време што две години по ред успеал да стигне до титулата во ЛШ. Одличните игри придонесоа вредноста на „вардарци“ на ракометниот пазар значително да порасне, а финансиските проблеми со кои се соочува македонскиот клуб, а кои веќе не се ниту тајна, придонесуваат голем дел од клучните играчи да си бараат нова средина.
Она што е сигурно е дека Раул Гонзалес својата тренерска кариера ќе ја продолжи во Пари сен Жермен, Лука Циндриќ уште пред речиси половина година потпиша договор со Кјелце, додека Арпад Штербик се враќа во Веспрем. Заминувањето на Илија Абутовиќ во Некар Левен е речиси завршена работа, Мијајло Марсениќ исто така има можност да бира бидејќи договорот му истекува на крајот на сезонава и сигурно нема да го продолжи, а за Македа се интересираат неколку германски клубови, но и унгарскиот ПИК Сегед.
Во еден период на неизвесност, но и во спорт во кој врвните клубови се екипираат најмалку шест месеци однапред, логично е да се постави прашањето кои играчи би останале во Вардар и за следната сезона. Едно е сигурно – капитенот Стојанче Стоилов своите планови ги поврзува со „црвено-црните“, клубот со кој капитенот во изминатите години освои бројни трофеи, а врв на кариерата сигурно му беше ланската титула во ЛШ. Тука е и голманот Милиќ, кој беше дел од Вардар уште пред составувањето на овој шампионски тим и кој се гледа себе си како дел од „црвено црното семејство“ дури и во случај на уште посериозен ремонт во играчкиот кадар.
Руското лоби Дибиров – Шишкарев ќе остане лојално на газдата Самсоненко, но се погласно се поставува и прашањето уште колку ќе трае престојот на Русинот во нашата земја, што само по себе ќе се одрази и врз висината на буџетот. Расплет од ситуацијата очекуваат и Канелјас и Чупиќ, кои без поголеми проблеми би си нашле нов ангажман, но и Игор Карачиќ, за кого до лани интерес искажуваше Веспрем.
Вуко Борозан, кој е еден од најдобрите играчи на Вардар сезонава, во свои кругови најавува подготвеност да остане, но за црногорскиот „бомбардер“ веќе интерес искажале неколку врвни клубови од Европа. Тој е можноста за „џек-пот“ на „црвено-црните“, со оглед на фактот дека на него и на Абутовиќ може да се заработи од евентуална продажба, па без оглед на неговите зборови на лојалност, главниот збор ќе го има управата, која ќе треба да состави конкуретен тим со далеку помал буџет за новата сезона од овој сегашниот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА