Ќе се врати ли миленикот на Комитите? – Вардар го сака Карачиќ, Карачиќ сака во Вардар, но …

Една од најголемите желби на Вардар на почетокот од овој преоден рок беше враќањето на Игор Карачиќ назад во црвено-црното семејство. Тоа го посакува и претседателот Михајло Михајловски, кој воедно е човекот што го донесе хрватскиот бек првпат во Вардар, додека тренер на оваа екипа беше Веселин Вујовиќ. Михајловски не ја крие желбата да го врати Карачиќ во екипата, но исто така е и реален – шансите за ваков трансфер се минимални.

„Карачиќ имаше тешка повреда кога јас решив да го донесам во клубот бидејќи бев убеден дека ќе стане играчиште – што се покажа како точно. Секако дека би било прекрасно да го вратиме, факт е дека Вардар го сака Карачиќ исто како што е факт дека Карачиќ би сакал да се врати  во Вардар. Сепак, реалноста е поинаква – тој има валиден договор со Киелце кој мора да биде испочитуван. Доколку се случи некакво чудо и Игор стане достапен на пазарот, сигурно ќе седнеме и верувам дека би можеле да се договориме. Сепак, во моментов тоа не делува како реална опција“, истакнува Михајловски за ЕКИПА.

Раководството на Киелце веќе објави дека сака да ги задржи Карачиќ и Алекс Душебајев како лидери на тимот за следната сезона, но полскиот првак уште не објавил колкав буџет ќе има на располагање. Ако дојде до поголемо кратење на платите, тоа може да биде „чудото“ неопходно за Хрватот да си замине од Киелце и да стане достапен за камбек во Вардар.

Се вчитува...