Кејн: Англија одигра одличен Мундијал

Фудбалската репрезентација на Англија го заврши настапот на Светското првенство во Русија на четвртото место. Во денешната битка за бронзата, селекцијата на гордиот Албион загуби од Белгија со 2-0. Но, тоа не го разочара капитенот Хари Кејн, кој вели дека Англичаните одиграа одличен Мундијал.

„Генерално, оставивме одличен впечаток. Немојте да заборавите дека оваа Англија не е завршен продукт, дека има уште многу простор за надградба и за подобрување на сите сегменти во селекцијата. Мислам дека и ги надминавме очекувањата на јавноста, иако кога влеговме во полуфиналето желбите и амбициите значително ни се зголемија. Но, едноставно снемавме сили. Белгија поведе многу брзо, ние се обидовме да возвратиме, но момците беа исцрпени. Повеќе од еден месец сме во Русија и заморот веќе е клучен фактор. Но, оваа Англија има сили и знаење да донесе трофеј многу брзо, можеби на следното големо натпреварување“, изјави капитенот на англискиот национален тим, Хари Кејн.

Се вчитува...