Киелце е во финалето, Веспрем ќе продолжи да сонува за европска титула

Киелце е првиот финалист во ркаометната Лига на Шампионите откако во полуфиналето во „Ланксес Арена“ во Келн го совлада Веспрем со резултат 37-35. Полскиот првак стигне до финалето благодарение на фуриозното второ полувреме, во кое „пулените“ на Душебајев го свртеа резултатот во своја полза и стигнаа до голем триумф. Веспрем одигра перфектни први 30 минути, но потоа унгарскиот тим (во чии редови не настапи Дејан Манасков) имаше огромен пад примајќи дури 20 гола за 30 минути, по што Веспрем ќе остане без толку посакуваната европска титула.

Одбраните беа на висина на задачата во почетните минути, а во ритам влезе голманот на Веспрем, Родриго Коралес, кој во првите дваесетина минути собра дури десет интервенции. Веспрем го искористи тоа и успеа прв резултатски да се одлепи, Унгарците поведоа со 14-11 со двата гола во серија што ги постигна Ненадиќ. Одговорноста во нападот на Киелце пред самиот крај на полувремето ја презеде Алекс Душебајев, Полјаците успеаја да се вратат и да намалат на еден гол негатива, пред Ненадиќ со проектил пред самиот крај на полувремето да погоди за предност на Веспрем од 18-16.

Киелце заигра далеку подобро на стартот од вториот дел, Волф му одбрани пенал на Мае, Морито беше беспрекорен во нападот, па избраниците на Талант Душебајев во 36. минута направија целосен пресврт и поведоа со 21-20. Проблем плус за Веспрем беше црвениот картон што го доби Благотиншек, за грубиот старт над Вујовиќ на почетокот од второто полувреме. Унгарците се загубија на неколку минути, не им успеаја ниту обидите со „седум на шест“, па Илиќ побара тајмаут дури откако неговиот тим се најде во негатива од четири гола (21-25).

Веспрем не се предаде, на десет минути до крајот намалувајќи на „минус два“ (30-28) со голот на Нилсон. Кога беше најважно во ритам за Киелце влезе Карачиќ, постигнувајќи два гола во иза, веднаш потоа прецизен беше и Дани Душебајев, па Илиќ мораше да земе нов тајмаут откако неговиот тим се најде на „минус четири“ (34-30) на шест минути до крајот. На две минути до крајот резултатот повторно беше „плус два“ за Киелце (35-33), пред  Морито да стави крај на сите надежи на Веспрем,па Киелце го доби ова полуфинале со конечни 37-35.

Морито со осум гола беше најефикасен во победничкиот состав, пет постигна Карачиќ, а четири Алекс Душебајев. Во таборот на Веспрем најдобри поединци во денешното полуфинале беа Лауге со осум,и Штрлек со седум, пред Ненадиќ со шест погодоци.

Се вчитува...