Кире Лазаров води во трката за МВП на првата фаза

ЕКИПА во Минхен,

Стеван Цаневски

Кире Лазаров игра извонредно и на овој ракометен Мундијал, на кој македонскиот капитен по првите две кола е во водство во трката за најкорисен играч, според вкупниот број на постигнати погодоци и асистенции.

Нашиот „бомбардер“ моментно е втор стрелец на шампионатот со 16 погодоци, еден помалку од Германецот Генсхајмер. Зад Лазаров на оваа листа следат Унгарецот Балог и рускиот ас Тимур Дибиров, па Алсален од Саудиска Арабија и Микел Хансен од Данска.

Лазаров е втор и по бројот на асистенции, вкупно 11 по првите две кола, само една помалку од лидерот Житников од руската репрезентација. Севкупно гледано, Кире Лазаров има вкупно 27 голови и асистенции и се наоѓа убедливо на чело на оваа ранг-листа, пред Австриецот Билик со 21, пред Палмарсон (Исланд), Алсајад (Бахреин) и Алсалем (Саудиска Арабија) по 20.

Борко Ристовски се наоѓа меѓу Топ 10 голманите на стартот од Мундијалот, македонскиот чувар на мрежата со 40% успешност на одбрани (25 интервенции од 62 шутеви кон неговиот гол) е осморангиран, рамо до рамо со Хрватот Стевановиќ. На врвот на оваа ранг-листа се наоѓа Никлас Ландин од Данска со неверојатни 51% успешност при одбраните во првите две средби.

Се вчитува...