Лазаров: Грев е што Вардар не создаде ниту еден македонски играч!

Најавата на Сергеј Самсоненко за повлекување од Вардар без сомнение отвора многу простор за анализа и предвидувања за иднината на клубот, но и македонскиот ракомет, од целокупната домашна спортска јавност.

Најдобриот македонски ракометар Кирил Лазаров уште во 2013 година потенцираше дека залудно е било какво инвестирање во македонскиот ракомет доколку потоа „ни се случи Кометал ЃП“…

„На македонскиот ракомет му е неопходно производство на сопствени сили, затоа што најважно е што репрезентацијата но и ние како нација би добиле од целокупните инвестиции. Затоа е неопходно ограничување на бројот на странците, на 7 до 8, и потоа секоја година постепено намалување на бројот“ – ќе рече тогаш Лазаров.

Сосема еднакво е и сега размислувањето на Кире Лазаров кој, во изјава за „Дерби.мк“, нагласува дека и покрај така силни инвестиции во РК Вардар и освојувањето на европската шампионска титула „грев е што Вардар не се успеа да произведе ниту еден квалитетен македонски играч кој што во иднина би служел и во македонскиот национален тим“. Па, се поставува прашањето што реално ние добивме од сето тоа?

„Спортот секогаш бил и ќе остане најголемиот амбасадор на која било држава, особено на Маедонија која живее и мечтае за квалитетен – како клупски – така и национален спорт. И двата се тесно поврзани, но националниот е иницијална каписла преку кој доаѓа и амбицијата да се создаде квалитетен клуб. Без квлитетен национален тим, тешко е да се создаде природно квалитетен клуб. Од друга страна, македонскиот граѓанин, желен за спорт, се радува подеднакво на секој успех и е најзаслужен за појавувањето на интерес кај бизнисмените да инвестираат во спортот. Најавата за повлекување на Самсоненко, кој инвестираше во Вардар, силно одекна во нашата спортска јавност, а познавајќи го Сергеј, тешко дека ќе ја повлече својата одлука. Тоа води кон сериозни проблеми за една институција со голема традиција како што е Вардар, воедно и за целиот македонски спорт. Да се потсетиме што се случи со Кометал Ѓорче Петров, кој и покрај тоа што беше европски шампион со своето згаснување го врати женскиот ракомет 25 години наназад. Да можам да бирам меѓу титула и константно добро функционирање, како и произведување македонски играчи, би го одбрал второто без многу размислување“ – вели Лазаров во изјавата за „Дерби.мк“.

Најдобриот македонски ракометар во историјата потенцира дека никогаш не е доцна и сега за добар концепт и стратегија и по заминувањето на Самсоненко…

„Без разлика на одлуката, јас би му честитал на Сергеј и би му заблагодарил за се што направи за Вардар. Меѓутоа, најголем грев е што на тие услови и инфраструктура што тој им ја понуди на своите соработници „на тацна“, не успеаја да произведат ниту еден квалитетен македонски играч кој што во иднина би служел и во македонскиот национален тим. Кој ќе ја понесе одговорноста за сето тоа што им беше дадено? Јас како многугодишен интернационалец со искуство во најдобрите европски тимови можам слободно да кажам дека ретко кој клуб имал толку добри услови за работа.

После ерата на Сергеј во Вардар ќе видиме колку љубов и срце ќе покажат играчите од актуелниот стручен и играчки кадар кон Вардар. Се надевам на ново, позитивно сценарио за Вардар, но не сум голем оптимист, туку само нереален вљубеник во спортот и ракометот. Никогаш не е доцна за добар концепт, стратегија и трпеливост. Имаме база и квалитет, луѓе кои го сакаат спортот и својата држава. Покрај квалитетни „странци“ кои треба да бидат дополнителна вредност, треба да се свртиме кон произведување сопствени играчи, на кои секогаш можеш да сметаш, како во клупскиот ракомет, така и во националната селекција“ – ставот на Кирил Лазаров.

Се вчитува...