КК Будуќност: За нас АБА лига веќе не постои!

Будуќност синоќа во „Пионир“ загуби убедливо од Црвена Звезда со 97-54 во мајсторката од финалето на АБА лигата, натпревар кој мина во сенка на хаосот пред мечот во кој беа нападнати црногорските кошаркари.

Да се прашуваа од редовите на КК Будуќност, натпреварот воопшто не требаше да се игра синоќа, или да се игра пред празни трибини. Но, како што соопштуваат од таму, сепак поради своите навивачи и целата црногорска јавност одлучиле да се игра дуелот.

„Во договор со Човиќ и со спортскиот директор на АБА овозможена е тешка нерегуларност и физички напад на играчите на Будуќност. Кошаркарите и стручниот штаб доживеаја хорор – линч и физичко насилство. Повредени се Норис Кол, Суад Шеховиќ, а Немања Гордиќ е погоден со стол. Свесни дека нема услови да се одигра натпреварот, од челниците на АБА, за кои дознавме дека се уценети од страна на Црвена Звезда, побаравме натпреварот да се игра пред празни трибини или да се одложи. Но, Новосел и Чабаркапа, и покрај тоа што видоа дека нашите кошаркаи во вистинска смисла на зборот едвај извлекоа жива глава бараа да се вратат на терен за пет минути инаку мечот ќе биде регистриран со службен резултат од 20-0 за Црвена Звезда. Свесни донекаде за таквата ситуација прифативме да одиграме за да ги сочуваме кошаркарите и членовите на стручниот штаб. Горди сме што излегоа на терен и одиграа до крај“ – се вели во соопштението од КК Будуќност во кое се дополнува:

„За сите случувања ќе ги известиме клубовите – сопственици на АБА лигата, затоа што луѓето кои не доведоа до оваа неприфатлива и понижувачка ситуација не може повеќе во иднина да се соработува. АБА лигата од денеска за нас не постои! Очекуваме нивна смена.“

Инаку, по мечот кошаркарите на Будуќност не беа расположени за изјави, а тренерот Јасмин Репеша не се појави на прес-конференцијата.

Се вчитува...