КК Работнички: Нашиот клуб ги осудува настаните на мечот со Чаир, на вакви луѓе не смее да им се дозволи да бидат присутни на натпревари

Најтрофејниот кошаркарски клуб во Македонија, Работнички излезе со соопштение по повод инцидентот кој се случи на натпреварот против Чаир во 9. коло во Првата кошаркарска лига на Македонија.

Од клубот од „Градски парк“ го осудуваат овој инцидент и велат дека на такви луѓе не им е место на спортските натпревари.

„Кошаркаркиот клуб Работнички АД Скопје се огласува по повод случувањата на првенствениот натпревар кај екипата на КК Чаир 2030, кој требаше да се одигра во рамките на 9-то коло од домашното првенство, но беше прекинат поради напад на еден од нашите кошаркари од страна на еден од симпатизерите на домашната екипа.

КК Работнички најостро ги осудува сите видови насилство на терените, без разлика од каде доаѓа истото, без разлика дали е тоа предизвикано од нашиот табор, наши навивачи или наши симпатизери, или од противничките и без разлика дали тоа е изолирано или организирано однесување! На ваквите луѓе, постапки и идеи, не смее да им се дозволи да бидат присутни на спортски натпревари! Сите ние треба да сносиме последици за се што правиме во животот, особено за она што го правиме на јавните настани пред очите на целата македонска, во случајов спортска, јавност!

Спортските екипи треба да бидат пример за здрави општествени навики и на спортските терени треба да ги славиме различностите, кои треба да не обединуваат. Не смееме да дозволиме салите и стадионите да ни се претворат во арени за изразување на секакви други чувства, освен искрените кои произлегуваат од спортот. Спортот треба да не направи подобри и поквалитетни луѓе, индивидуи и заедници кои ќе создадат исти такви генерации, кои ќе не наследат и ќе се надоградуваат на она што ние ќе им го оставиме.

Апсолутно се согласуваме со соопштението на нашите спортски пријатели од КК Чаир 2030, во кое се осудува инцидентот предизвикан од страна на, како што се вели, изолиран поединец. Се надеваме дека сите надлежни институци во најкраток можен рок ќе ги преземат сите потребни чекори и мерки, по што ќе донесат соодветни решенија, со цел ова, како што се вели, индивидуално однесување да биде најбрзо и најостро санкционирано!

Со тоа ќе им се даде поука на сите оние, кои во иднина ќе помислат да прават вакви или слични неспортски испади, дека никој не е над законот и над спортот! Време е да им се каже стоп на насилниците во кошарката, која како интелигентен спорт важи за здружување на интелектуалци, а не мегдан за силеџии!

КК Работнички, како најтрофеен кошаркарски клуб во нашата земја и натаму останува дел од спортската структура во Македонија, која ќе се занимава првенствено и единствено со промоција и со унапредување на македонската кошарка и на позитивните вредности во животот“, стои во соопштението на Работнички.

Се вчитува...