Клајверт го советува својот син: Остани во Ајакс, рано е за преселба во голем клуб

Екс-напаѓачот на Барселона, Патрик Клајверт го советува својот син, Џастин, да не го напушти Ајакс во скоро време со цел да продолжи да собира што повеќе искуство играјќи за фудбалскиот гигант од Амстердам. Легендарниот Холанѓанец смета дека рано е за Џастин да направи преселба во голем клуб, бидејќи тоа само ќе му ги скрати можностите да продолжи со неговиот брз развој.

„Џастин моментално е во одлична форма и важно е да продолжи со тоа темпо. Се повеќе има самодоверба која одлично му служи во одредени ситуации. Му напоменав дека тој се уште е дете, има само 18 години, и за него е најважно да игра во клуб каде ќе добива шанса, а тука во Ајакс е речиси секогаш прв избор. Мој совет е да остане во Ајакс уште најмалку една година, а потоа да размисли. Знам дека е тешко да се одбие Барса, како и други европски гиганти, но сметам дека во овој момент преселба на „Камп ноу“ или во било кој друг голем клуб не е вистински избор за него“, истакна Клајверт сениор.

Холандската сензација веќе ги алармираше сите најдобри скаути со неговите настапи во дресот четирикратниот европски шампион. Наводно, Џастин има избор од шест дестинации за во иднина, а најмногу се загреани „црвените ѓаволи“, поточно Жозе Мурињо. Јунајтед и Ајакс лани се сретнаа во финалето на Лигата на Европа, а по завршувањето на мечот Мурињо имаше краток разговор со младиот Холаѓанец во кој наводно го наговорил да направи преселба на „Олд трафорд“ за една или две години.

„Кога ќе дојде моментот да направи избор за негов следен тим, треба добро да размисли и да одбере тим кој би му одговарал на неговата игра, каде најмногу би можел да се истакне, а не да оди во било кој клуб само затоа што би заработувал многу пари“, додаде Клајверт.

Во домашното првенство Џастин Клајверт сезонава настапи на 19 натпревари на кои псотигна шест погодоци, а запиша и четири асистенции.

Се вчитува...