Класниќ и по третата трансплантација се враќа на терен

Хрватскиот фудбалер, Иван Класниќ, дефинитивно е човек што никогап не се предава. Класниќ кој неодмана имаше трета трансплантација на бубрег, за германските медиуми откри дека добил понуда да се врати на терен и дека размислува да ја прифати.

Веќе со години Иван Класниќ се бори со тешки здравствени проблеми и успева да ги победи. Во октомври годинава на 37-годишниот хрватски фудбалер во Загреб му беше извршена трета трансплантација на бубрег која беше успешна и тој може да продолжи нормално со својот живот.

Не сум нов човек, но сега многу работи се полесни. Можам да јадма и да пијам што сакам. Не морам повеќе да одам на дијализа. Животот е поедноставен и тоа е добро. Не сум личност што сака да се жали“ – вели Иван Класниќ во интервју за германскиот Весер-Куриер, откривајќи и дека размислува и за враќање на терен.

„За мене не е тренерската работа, повеќе се гледам како менаџер. Но, после последната трансплантација добив понуда да се вратам на терен и за мене тоа е една од опциите. До следната сезона има доволно време да се вратам во форма“ – истакнува хрватскиот фудбалер.

Класниќ официјално се уште не се простил од фудбалот и како што вели, сака тоа да го направи на стадионот на Вердер за кој настапуваше во своите најдобри години.

„Би сакал да се простам од фудбалот на „Весер“, но се уште не е време да се зборува за тоа. Сега имам нов бубрег, тоа е како промена на мотор. После првата трансплантација продолжив да играм, би можело тоа да функционира добро и сега“ – вели Класниќ.

Поранешниот хрватски репрезентативец во својата кариера настапуваше за Вердер, Мајнц, Нант и за Болтон.

Се вчитува...