Празничното коло во Премиер-лигата донесе нови бурни реакции на ВАР, откако неколку екипи прерано прославија погодоци што беа поништени со ВАР, и тоа за офсајд изразен во неколку сантиметри. Поранешниот британски судија, Марк Клатенбург, во својата колумна во весникот „Дејли Мејл“ даде интересен предлог, ВАР да не се користи за утврдување на офсајд.
„Мислам дека е дојдено времето да се тргнат одлуките поврзани со офсајд од процесот на ВАР. Нема дилеми дека со ова што се случува се уништува возбудата и духот на фудбалот. Затоа јавно прашувам, зошто да не се вратиме судиите да ги креваат знаменцата и тоа да бидат конечни одлуки. Вулвс, Кристал Палас, Брајтон и Норвич сите мислеа дека постигнале регуларни погодоци, за подоцна да им бидат поништени за минимални офсајди, за рамо, лакот или за палец. Правилата за офсајд не треба да се сменат за неколку сантиметри како што предлагаат многумина. Или треба да прифатиме дека офсајдот е егзактен поим и дека е валиден и кога е за неколку сантиметри, или да ги оставиме судиите да ја донесат одлуката на теренот, но во тој случај и да ги прифатиме грешките кога ќе се случат. Јас сум за втората опција, бидејќи така навивачите ќе можат да слават без да се плашат дека потоа голот на нивниот тим ќе биде поништен“ – пишува Клатенбург.
Тој во истата колумна пишува и за правилната употреба на ВАР при единствениот гол на мечот на „Енфилд“.
„Во меѓувреме, добар пример за употреба на ВАР беше првиот гол на Ливерпул. Судијата Ентони Тејлор претпостави дека Адам Лалана играл со рака пред Мане да ја затресе мрежата, но повторените снимки покажаа дека Лалана играше со рамо и првичната судиска одлука беше правилно променета“ – потенцираше Марк Клатенбург.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА