Клоп го загуби трпението – Ливерпул носи нов голман

Очајното издание на Адријан на дуелот со Астон Вила го запали алармот во Ливерпул, па „црвените“ се решени да донесат нов голман во ситуација кога Алисон Бекер најмалку уште еден месец ќе биде надвор од терените. Клоп досега му укажуваше доверба на шпанскиот ветеран, но сега веќе и на германскиот стратег му е јасно дека Ливерпул тешко ќе победува со Адријан на голот, па управата на клубот почна преговори за да го доведе во своите редови Џек Батланд од Стоук.

Преодниот рок за купување и позајмување на играчи во и од пониските англиски лиги се уште е отворен, а „црвените“ планираат да го искористат тоа за да го ангажираат Батланд и да решат сериозен проблем во ситуација кога Алисон често се повредува, нешто што беше тренд минатата, а продолжи и оваа сезона.

Батланд има само уште една година од актуелниот договор со Стоук, па токму затоа и клубот од Чемпионшип-дивизијата е заинтересиран за продажба, за да не се случи следното лето да го загуби без никаква отштета. Одбивањето да потпише нов договор придонесе Батланд да го загуби и првотимскиот статус во Стоук од велшкиот голман Адам Дејвис, па цената на поранешниот англиски репрезентативец падна на скромни пет милиони фунти, сума што Ливерпул без проблем може да си ја дозволи.

 

Се вчитува...