Ливерпул заврши фантастична работа со новиот договор што вчера го потпиша Јирген Клоп, со што трофејниот стручњак ќе остане на „Енфилд“ до јуни 2026 година. Клоп создаде неверојатна екипа што атакува на трофеи во сите натпреварувања во кои учествува, а главна фигура дефинитивно е Мохамед Салах, кој истовремено е најдобар стрелец и асистент во Премиер-лигата сезонава.
Салах има договор со Ливерпул до јуни 2023 година, преговорите траат долго, но без преголем успех, но потписот на Клоп би требало да значи и сериозен чекор напред во разговорите со „фараонот“ од Ливерпул. Салах многу пати во текот на преговорите повторуваше дека „не станува збор само за пари, туку и за визија“, а останувањето на Клоп е јасен знак за победничката визија што челниците на Ливерпул ја имаат за клубот.
Британските медиуми најавуваат дека и самиот Клоп во преговорите за нов договор инсистирал што поскоро да биде постигнат договор со Салах, за што добил ветување од клупските директори, за интензивирање на преговорите и прифаќање на клучните барања на Египќанецот. Понудата на Ливерпул изнесува 400.000 фунти за нов тригодишен договор, а сега кога Клоп останува во клубот до 2026 година, за очекување е и Салах да ги следи стапките на својот тренер и во текот на летото да стави потпис на новиот договор со „црвените“.
Нов договор се подготвува и за Садио Мане, но и за ветеранот Џејмс Милнер, кому ќе му биде понудено и место во стручниот штаб на Клоп по завршувањето на кариерата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА