Клоп: Јас и фудбалерите сме на одмор, не знам кој ќе игра со Шрусбери

Ливерпул повторно ќе настапи со „деца“ на натпревар од англиски куп откако Јирген Клоп објави дека ниту еден сениорски фудбалер нема да биде во тимот за дуелот против Шрусбери. Ремито на првиот меч значи дека двата тима ќе мораат да играат уште една средба на 4 февруари, но проблемот е во тоа што токму тогаш Ливерпул има слободна седмица дадена од Фудбалската Асоцијација.

„Не разбирам, минатиот април ни рекоа дека ќе имаме одмор и во тој период да не закажуваме ниту пријателски средби. Јас веќе им кажав на фудбалерите дека ќе одмораат на почетокот од февруари, а сега излегува дека мораме да играме натпревар. Едно е сигурно, јас нема да бидам на клупата, исто така и ниту еден сениорски фудбалер нема да биде во тимот“, изјави Клоп.

Ливерпул го загуби четвртфиналето од лига-купот против Астон Вила бидејќи беше закажано само 24 часа пред полуфиналниот меч на „црвените“ на клупскиот мундијал во Катар. Поради ова Ливерпул настапи на „Вила парк“ со својот младински тим, предводен од тренерот на младинската екипа. Се очекува истото да биде случај и на овој повторен натпревар со Шрусбери.

Се вчитува...