Клоп може да здивне – Мане и Тијаго оздравеа од коронавирус

Тијаго Алкантара и Садио Мане успеаја да го победат коронавирусот, па по двата негативни теста добија и зелено светло за да се вратат на тренинзите на Ливерпул. Ова е одлична вест за Јирген Клоп, кому ќе му биде неопходна помошта на сите фудбалери за да ја надмине кризата по убедливиот пораз од Астон Вила во минатото премиерлигашко коло.

Тијаго и Мане не беа во составот на тој натпревар, а нивниот камбек ќе биде од драгоцено значење, уште повеќе ако се знае дека „црвените“ во првиот меч по репрезентативната пауза ќе се сретнат со градскиот ривал Евертон, тим кој има максимални 12 бода по првите четири премиерлигашки кола.

За очекување е шпанскиот плејмејкер и сенегалскиот голгетер да бидат стартери на „Гудисон Парк“, исто како и капитенот Џордан Хендерсон, кој поради повреда ги пропушти претходните две средби на Ливерпул. Огромен проблем за Клоп е отсуството на голманот Алисон Бекер, особено ако се земе во предвид и слабата форма на резервата Адријан, а дуелот со Евертон ќе го пропушти и Наби Кеита, кој беше тестиран позитивен на Covid-19 за време на подготовките со репрезентацијата на Гвинеја.

Се вчитува...