Клоп најде начин како да го убеди Мане да остане

Садио Мане до пред десетина дена беше многу блиску до заминување од Ливерпул и преселба во Реал Мадрид, но ситуацијата во меѓувреме се промени. „Црвените“ му понудија на сенегалскиот голгетер ново зголемување на платата со нов договор до 2025 година, а згора на тоа влегоа во интензивни преговори за на „Енфилд“ да го доведат неговиот добар пријател од репрезентацијата, Калиду Кулибали.

Иако тандемот Гомез – Ван Дајк функционираше беспрекорно во голем дел од сезоната, Клоп сака со ангажманот на Кулибали да состави гранитен бедем пред голот на Алисон Бекер. Наполи минатото лето одбиваше понуди од по 90 милиони евра за одличниот дефанзивец, но тој имаше пад во формата сезонава, што надополнето со финансиската криза во европскиот фудбал придонесе неговата вредност дополнително да падне. Според последните информации ПСЖ и Реал Мадрид решиле да се повлечат од трката по Кулибали, оставајќи го Ливерпул како апсолутен фаворит за потпис со Сенегалецот.

Вкупната вредност на трансферот се очекува да изнесува 60 милиони евра, но „црвените“ би платиле околу 40 милиони, плус би го испратиле во Неапол хрватскиот репрезентативец Дејан Ловрен.

Се вчитува...