Клоп: Не можам да поверувам… ќе ми објасни ли некој што е офсајд?

Јирген Клоп не го криеше разочарувањето од арбитражата на градското дерби на „Гудисон Парк“, на кое Ливерпул и покрај апсолутната доминација мораше да се задоволи само со еден бод против Евертон.

„Имаме за што да жалиме, одигравме доволно за да стигнеме до победата, но судијата мислеше дека ни треба уште нешто. Не можам да поверувам… сите оние брутални стартови, ние игравме „чисто“, убаво за око, но на крајот не беше доволно. Првиот старт на Пикфорд е црвен картон и пенал, како можеше да не го видат тоа, Калверт Луин е со ногата поназад од Ван Дајк, но сепак покажаа нешто друго. Разочаран сум, само еден тим може да се радува на вакво реми, а тоа не сме ние“, истакна Клоп.

Германецот се осврна и на поништениот погодок на Хендерсон постигнат во судиското продолжение, повторно со ВАР-одлука која предизвика бурни реакции.

„Би сакал некој да ми објасни како тоа е офсајд од Мане. Од сликата што јас ја видов не е офсајд“, порача Јирген Клоп.

Се вчитува...