Ливерпул имаше најмногу среќа во ждрепката за четврт-финалето од Лигата на шампионите добивајќи го „џек-потот“ наречен Порто. Сепак, Јирген Клоп предупреди дека неговиот тим никако не смее да го зафати еуфорија бидејќи против себе во секој случај ќе има многу сериозен ривал.
„Што треба да кажам? Не можам да кажам дека се чувствувам среќен бидејќи не сум среќен – чекавме да видиме кој ќе ни биде ривал за да почнеме да се подготвуваме за него. Можеме да го победиме секој можен противник, но и да загубиме од секого, се ќе зависи од нас, затоа не гледам причина зошто би славел што го добивме Порто за ривал“ – изјави Клоп.
Ливерпул и Порто се сретнаа лани во осминафиналето од ЛШ, двомеч на кој „црвените“ работата си ја завршија на првиот натпревар славејќи среде Португалија со 0-5.
„Знаевме колку треба да бидеме добри минатата година за да ги победиме. Резултатот на крајот беше многу чуден, многу добар за нас, но чуден. Порто на реваншот ни покажа дека е силен тим, што е доволно предупредување за да не се опуштиме“ – порачува стратегот на ланскиот финалист во Лигата на шампионите.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА