Клоп: Не сум водач на револуција, но не можам да седам и да молчам

Јирген Клоп го навлече бесот на англиската фудбалска јавност откако објави дека ниту еден сениорски фудбалер на Ливерпул нема да настапи на повторениот натпревар од ФА Купот против Шрусбери. Англичаните се горди на своето најстаро натпреварување и на ваквата одлука на Клоп гледаат како на фрлање дамка на купот, но Германецот јасно стави до знаење дека негов приоритет е здравјето на фудбалерите, кои треба да го добијат одморот што го заслужуваат.

„Велат дека не сум ги почитувал куповите, а јас со Борусија Дортмунд играв три куп-финалиња. Треба да се биде реален и да се каже дека е доста, некој да почне да се грижи за здравјето на играчите. Сите зборуваат, но никој ништо не презема. Јас не сум водач на револуција, не сум таков како карактер, но чувствувам одговорност кон моите фудбалери. Затоа не можам да седам и да молчам, ништо нема да се промени додека сите во фудбалот гласно не кажат дека се неопходни промени. Немам ништо против Шрусбери, но можеа да играат пенали против нас и да победат. Повторените натпревари не се никакво решение“, изјави Клоп.

Голем дел од критиките кон трофејниот стручњак беа и поради фактот дека покрај фудбалерите, ниту тој нема намера да се појави на „Енфилд“.

„Можам ли да бидам таму за натпреварот? Секако дека можам, но ќе настапи младинскиот тим, а тој тим си има свој тренер. Се друго би било погрешно освен тој тренер да ја води екипата“, објасни Јирген Клоп.

Се вчитува...