Клоп по победата над Фулам: Не сум видел натпревар со поубави голови

Ливерпул и Фулам одиграа суперинтересен натпревар во 14. коло од Премиерлигата во кој беа видени седум погодоци, а на крајот „црвените“ беа оние кои се радуваа на триумф од 4-3 и тоа по пресврт во 87. и 88. минута.

Тренерот на Ливерпул, Јирген Клоп не го криеше задоволството од победата по крајот на средбата напоменувајќи дека досега никогаш не видел натпревар со толку убави голови.

„Мислам дека никогаш не сум видел натпревар со толку убави голови. Но, поради сопствената глупост, за малку ќе загубивме. Во првото полувреме, кога постигнувавме голови, играта во одбрана беше страшна. Во фудбалот се е до деталите. Игравме навистина добро, имаше многу добри шанси, но на пауза заминавме со резултат 2-2.

Противникот не заостана и постигна прекрасен гол. Резултатот беше 2-3 и сите во дресот на Фулам веројатно мислеа дека тоа е тоа, но ние успеавме да одговориме со два гола од светска класа. Го менувавме системот на игра неколку пати. Имаше тензични моменти и мора да му се оддаде признание на Фулам за нивната игра“, изјави Клоп.

Се вчитува...