Клоп претпазлив: Јунајтед е способен да прави извонредни работи

Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп изјави дека го подготвува тимот за тежок натпревар против Манчестер Јунајтед на „Олд Трафорд“.

„Црвените“ во недела ќе гостуваат на „Олд Трафорд“ во дербито од деветтото коло од Премиер лигата. Оле Гунар Солскјер по натпреварите во европските натпреварувања изјави дека германскиот стручњак сигурно задоволно ги триел рацете гледајќи го дуелот меѓу „црвените ѓаволи“ и Аталанта.

„Го гледав натпреварот и не ги триев рацете во ниту еден момент. Уште по првото полувреме, видов дека Јунајтед нема лесно да се предаде. Вториот дел од натпреварот покажа дека овој тим може да создаде проблем и за нас. Го подготвувам тимот за тежок натпревар против многу добар ривал“, изјави Клоп.

Ливерпул моментно е втор на табелата со 18 бодови, додека Јунајтед е на шестото место со 14.

„Сите знаеме каков е светот на фудбалот. Натпреварот помеѓу Јунајтед и Ливерпул е исклучително важен. Можеби не се задоволни со нивните резултати, но знаеме дека се способни да направат некои извонредни работи. Го видовме тоа и порано. Ќе бидеме фокусирани на нас“, изјави Клоп.

Тоа ќе биде дуел помеѓу Мохамед Салах и Кристијано Роналдо, а на новинарско прашање да бидат споредени двајцата фудбалери, германскиот стручњак одговори:

„Зошто би ги споредувале? И двајцата се од светска класа. Би рекол дека Мо има подобар удар со левата нога, дека Кристијано можеби е подобар во скокот и дека има посилен удар со десната нога. Кога станува збор за брзината, и двајцата се многу брзи и сакаат да постигнуваат голови. Но, не сум заинтересиран да ги споредувам“, изјави Клоп.

Натпреварот помеѓу Јунајтед и Ливерпул е на програмата в недела во 17.30 часот.

Се вчитува...